Лос Анџелес лејкерс на домашен терен загубија убедливо со 89:118 од Милвоки бакс, во еден од петте меча кои ноќеска се играа во НБА-лигата. Овој пораз од 29 разлика може да се каже дека беше и очекуван ако се знае дека во составот на Лејкерс ги немаше Леброн Џејмс, Лука Дончиќ и Остин Ривс.
Без трите главни играчи во тимот, шанса доби синот на Леброн, Брони Џејмс, кој го одигра најдобриот меч откако е дојден во НБА-лигата. Дебитантот во НБА, кој досега во просек имаше 1,6 поени, 0,5 скока и 0,4 асистенции по натпревар, сега постави рекорд во кариерата со 17 поени, три скока и пет асистенции. Брони погоди 7 од 10 шута од поле, а имаше 2/4 за три поени.
Во останатите мечеви во НБА: Шарлот – Њујорк 115:98, Индијана – Бруклин 105:98 по продолжение, Голден Стејт – Торонто 114:116 и Сакраменто – Чикаго 116:128.