Најдобрата македонска теквондистка и учесничка на ЛОИ во Париз, Милијана Рељиќ, направи нов голем успех освојувајќи бронзен медал на Г1 турнирот од светска класа во Загреб. Со овој успех веќе започнува собирањето бодови за учество на Олимпијадата во Лос Анџелес 2028, а целта на Рељиќ и тренерот Александар Ефтимов е пласманот да се обезбеди со исполнета А олимписка норма.
Нашата теквондистка на Г1 турнирот во Загреб поради високиот рејтинг беше слободна во првото коло, додека во второто коло славеше над американката Кло Чуа со 2-0. Во четвртфиналето, што значеше борба и за медал, Рељиќ ја совлада Србинката Надја Савковиќ со 2-1, а она што треба да се истакне е дека српската теквондистка досега имаше три победи над нашата олимпијка.
Рељиќ во полуфиналето беше совладана од шпанската натпреварувачка Арлет Ортис Бените, што значеше и освојување бронзен медал, но и поени за ранг-листата која носи пласман на ЛОИ во Лос Анџелес.