Англичаните се во еуфорија по убедливата победа од 7:0 против Македонија. Навивачите на Гордиот Албион секако очекуваа победа, но ретко кој се надеваше дека тоа ќе биде со убедливи седум гола во мрежата на Столе Димитриевски.
Горди се Англичаните за оваа победа, па затоа не ни чуди што на официјалниот фејсбук-профил на англиската фудбалска репрезентација има десетици постови. Заслужено се фалат Англичаните за нивната игра и резултатот од 7:0 и се промовираат на социјалните мрежи, кои го имаат најголемото влијание во денешницата.
И додека Англичаните се фалат, на официјалната фејсбук-страница на Фудбалска репрезентација на Македонија е чудно тоа што може да се види. Постови каде што мачки играат фудбал, борба на двајца фајтери, но и тројца мажи кои се шлапаат во кал во обид да извадат топка.
Оние коишто ја следат фејсбук-страницата на која се споделуваат сите најбитни информации од ФФМ знаат дека таа е хакирана, но сигурно имало многу Англичани или Украинци кои сакале да се запознаат со македонската фудбалска репрезентација преку социјалните мрежи и имале што да видат.
Повеќе од еден и пол месец трае оваа агонија на социјалната мрежа, каде што има над 130.000 следбеници, но никако не се најде чарето да се среди овој проблем. Додека не се најде „јунак“ да ја врати фејсбук-страницата во функција на ФФМ, ќе гледаме најразлични видеа со најблаго кажано глупави содржини.