Бруклин и Орландо ја остварија целта, остана уште едно место на Истокот

Орландо меџик ја оствари потребната победа на гостувањето кај Бостон селтикс со конечни 108:116 и по седум години франшизата од Флорида се враќа во разигрувањата. Орландо ја запиша 41-вата овосезонска победа, па според моменталната положба на табелата, во плејофот ќе патуваат како шестопласирани.

Херој на средбата за „магичните“ беше играчот од клупа Теренс Рос, кој заврши со 26 поени, додека Никола Вучевиќ со дал-дабл од 24 поени и 12 скока се истакна како втор најефикасен кошаркар на Орландо во најважниот триумф на франшизата, Фурние додаде ист број поени колку и црногосркиот центар. Од редовите на Бостон, Ирвинг со 23 поени и Хорфорд со 18 беа најраслопожени играчи.

Бруклин славеше со 96:108 на гостувањето кај Индијана пејсерс, па и тие како и Орландо ја запишаа 41-та победа со која се пласираа во разигрувањата. Нетси по четири години пауза ќе играат во плејофот, а до клучниот триумф ги предводеше Расел со 20 поени, како и Херис со 19 поени. Сабонис со дабл-дабл од 17 поени и 12 скока се истакна како најефикасен од редовите на Индијана.

Битката за последното место во Источната конференција кое води во плејофот е меѓу Детроит, Мајами и Шарлот. На овие три екипи им преостануваат уште два меча, а Пистонс со скор од 39-41 засега е на осмото место, додека Мајами и Шарлот имаат за нијанса послаб учинок со 38 победи и 42 порази.

Шампионот Голден стејт за последен пат сезонава играше на домашен терен во „Оракл арената“ и го совлада тимот на ЛА клиперс со убедливи 131:104. Ова беше последниот меч за Воините од регуларниот дел во арената, каде што ги играа своите натпревари во изминативе 47 години, а по крајот на оваа сезона франшизата ќе се пресели во новиот „Чејс центар“ во Сан Франциско.

За 56-тата победа на Голден стејт најмногу придонесе Стеф Кари со 27 поени, а Шамет со 17 поени беше најефикасен од редовите на Клиперс.

Резултати НБА:

7 април:

Торонто репторс – Мајами хит 117:109, Кливленд кавалирс – Сан Антонио спарс 90:112, Минесота тимбервулвс – Оклахома сити тандер 126:132, Детроит пистонс – Шарлот хорнетс 91:104, Индијана пејсерс 96:108.

8 април:

Мемфис гризлис – Далас маверикс 127:129, Хјустон рокитс – Феникс санс 149:113, Милвоки бакс – Атланта хокс 115:107, Бостон селтикс – Орландо меџик 108:119, Њујорк никс – Вашингтон визардс 113:110, Голден стејт вориорс – ЛА клиперс 131:104, Портланд трејлблејзерс 115:108, Сакраменто кингс – Њу Орлеанс пеликанс 129:133, ЛА лејкерс – Јута џез 113:109.

- Оглас -

Најнови вести