Бруклин нетс ќе има еден сопственик

Бруклин нетс во новата сезона ќе влезе со еден сопственик. Мнозинскиот акционер Михаил Прохоров се согласи да ги продаде своите 51% од акциите на Џозеф Сај, бизнисменот кој поседува 49% од акциите на НБА-франшизата. Откупот ќе изнесува 1,35 милијарди долари, така што вкупната сума на продажба на клубот ќе достигне 2,35 милијарди долари.

Инаку косопственикот на кинеската компанија „Алибаба“, Џозеф Сај, минатата година откупи 49% од акциите за една милијарда долари, а до крајот на 2022 година, кога ќе се плати и последната рата, официјално ќе биде самостоен сопственик на франшизата од Големото Јаболко.

Тајванскиот бизнисмен продолжува во намерата да создаде ланец на американски спортски друштва бидејќи во изминативе години целосно ги купи акциите на женскиот тим Њујорк либерти од ВНБА-лигата, како и Сан Диего сиелс од Националната лакрос лига. Се шпекулира дека Сај сака да ја купи и арената на Нетс, „Баркјалс центар“, која исто така е во сопственост на Прохоров.

- Оглас -

Најнови вести