По победата над Косово, Стефан Ристовски покажа дека знае да биде лидер и во создавањето атмосфера и надвор од теренот. По пласманот во финалето на плејофот за место на Европско првенство, нашите фудбалери имаа веселба пред хотелот.
Беа пречекани со зурли и тапани, а Ристовски во еден момент го зеде тапанот и продолжи со победничкиот ритам. Прославата од победата беше пренесувана и на инстаграм-профилот на македонскиот репрезентативец, кој доби многу честитки и пофалби, а една посебно беше за одбележување.
Ѕвездата на Манчестер јунајтед Бруно Фернандеш, со кого Стефан беше соиграч во Спортинг, кога виде дека Ристовски свири на тапан, во шега му напиша: Внимавај што правиш, многу врева креваш“. Шоуто на Стефан стигна и до Португалија, па на социјалните мрежи го пренесоа и во Спортинг.
Фернандеш во јануари направи трансфер во Манчестер и само за неколку месеци игра го доби приматот за најдобар фудбалер на Црвените ѓаволи за минатата сезона.