Капитенот на Црвените ѓаволи, Бруно Фернандеш, откри што очекува од Манчестер јунајтед за да биде убеден да го продолжи престојот на „Олд Трафорд“. Португалецот се осврна и на работата на привремениот менаџер Мајкл Карик.
Фернандеш (31) е вистински талисман на Манчестер јунајтед уште од доаѓањето од Спортинг Лисабон во 2020 година. Тој и сезонава е водечка фигура, со осум голови и 16 асистенции во одлична индивидуална сезона, додека тимот се бори за пласман во Лигата на шампионите.
Овие резултати доаѓаат откако минатото лето Бруно Фернандеш беше блиску до заминување. На крајот, тој ја одби понудата од Ал-Хилал, која му гарантираше плата од околу еден милион фунти неделно, додека трансферот ќе изнесуваше околу 100 милиони фунти.
Иднината на португалскиот ас и натаму е актуелна тема, бидејќи му останува уште една година од договорот, иако клубот има опција за продолжување на уште 12 месеци.
„Им велам на луѓето во клубот дека сакам да се борам за трофеи. Секој што доаѓа во Манчестер јунајтед сака да го освои секој трофеј. Никој не доаѓа со мисла дека ќе се бори за еден или два трофеи за шест години. Сакаш да се бориш за сите можни трофеи. Тоа е она што секогаш им го кажувам, ако сме во борба, ќе бидеме блиску до победата. Ако не сме, немаме никаква шанса“, изјави Бруно Фернандеш.
Португалецот потенцираше дека фактот што Јунајтед не ја освоил Премиер лигата од 2013 година „не е нормален“ и додаде дека поминало „премногу време“.
„Она што секогаш му го велам на клубот е: не можете да ми ветите дека ќе ја освоиме Премиер лигата – тоа е невозможно. Но, ако ми ветите дека ќе бидеме конкурентни и ќе се бориме до крај… тоа е сè што сакам. Потоа е на мене да бидам најдобрата верзија од себе и да им помогнам на сите околу мене да го направат истото, за да станеме клубот што сакаме да бидеме“, истакна капитенот на Манчестер јунајтед.

