Бубка: Човек може во скок со стап да прескокне и до 6,50 метри

Една од најголемите атлетски фигури во историјата на кралицата на спортовите, Сергеј Бубка, со децении ги држеше и поместуваше светските рекорди во скок со стап, а сега тој во сала е надминат од 20-годишниот Арманд Дуплантис, кој двапати за една недела поставуваше светски рекорд и прескокна 6,17, па 6,18 метри. На отворено, светскиот рекорд од 6,14 метри уште го држи Украинецот Бубка.

„Јасно е дека Дуплантис има силен карактер и потенцијал да скока уште повисоко. Не сум Господ па да предвидам до каде му се можностите во иднина. Не знам дали напредокот на технологијата има придонес за подобрување на резултатите во оваа дисциплина, но клучна е техниката. Ако знаеш како да ја пренесеш енергијата од телото на стапот, можеш високо да леташ. Има многу спортисти кои се силни и брзи, но поради недостаток на техника не успеваат да прескокнат шест метри“, вели Бубка, кому првиот светски рекорд му беше 5,83, а заврши со 6,15.

Бубка верува дека еден ден може да има скок и од 6,50 метри.

„Во 1997 година во Атина моето тело при исфрлањето беше на 6,40. Има простор за напредок, не постојат граници. Верувам дека човек може да прескокне и 6,50. Полесно е да се скока во сала, каде што временските услови немаат влијание. Таму температурата е стабилна. Мене ми се случуваше да се чувствувам подготвен за рекорд, а да не успеам поради дожд, ветер или студено време“, објаснува Бубка.

- Оглас -

Најнови вести