Будуќност го победи Борац на гости со 29 разлика, сега дома треба да ја потврди разликата во класи

Три меча се играат денеска во АБА лигата, а еден е посебно значаен за македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром. Будуќност во Подгорица е домаќин на Борац Чачак во меч на кој сите љубители на кошарката во Македонија се надеваат на победа на домаќините.

Будуќност нема многу мотиви за игра, но факт е дека за неколку класи е подобар од Борац што се гледа и по табелата, но и по одиграните меѓусебни средби. Овие две екипи досега играле пет пати и Будуќност секогаш победувал.

Сезонава, на гостувањето во Чачак, Будуќност славеше со убедливи 29 поени разлика (108:79) па сега навистина би било срамота дома да не победи. Победа на црногорскиот тим ќе значи дека Борац Чачак останува на последното место на табелата во АБА лигата и овој тим директно ќе испадне од елитното друштво, додека македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром ќе игра во разигрувањето за опстанок.

Ако се случи Борац по некое чудо да се радува на гостувањето во Подгорица, во тој случај тимот од Чачак ќе заврши пред МЗТ Скопје на табелата и аеродромци директно ќе испаднат од АБА 1 лигата.

Од МЗТ Скопје Аеродром утрово упатија порака во која истакнуваат дека веруваат во чесноста на Будуќност и дека нема да има никакви калкулации и неспортски игри во Подгорица.

- Оглас -

Најнови вести