Џанлуиџи Буфон објасни зошто одбил да го добие дресот со бројот 1 кој му припаѓа на Војќех Шченсни и во следната сезона во Јувентус да брани со 77-ка на грбот. Легендарниот 41-годишен голман ѝ се врати на својата голема љубов, Старата дама во Торино, чиј гол го чуваше 18 години пред да премине во ПСЖ.
Џиџи се откажа и од привилегијата да биде капитен, тој смета дека лентата треба да остане кај Џорџо Кјелини.
„Нема да бидам со дресот со бројот 1, туку со 77. Бројот 1 треба да го има стартниот голман на Јуве, а тоа ќе биде Шченсни. Бројот 77 е дел од мојата историја, од времето кога бранев за Парма. Тој број ми е среќен, го носев пред да потпишам за Јувентус“, изјави Буфон.
Инаку, во таа 2000/01 Буфон со 77-ката на грбот бранеше и на градскиот стадион во Скопје, на мечот помеѓу прилепска Победа и Парма.