Џанлуиџи Буфон речиси две децении е на голот на Јувентус. Од 2001 година до денес, Буфон само една сезона не беше во дресот на Старата дама. Тоа беше во сезоната 2018/19 кога реши да замине во Пари Сен Жермен, со надеж дека ќе стигне до титулата во Лигата на шампиони, единствен голем трофеј што мунедостасува на Буфон.
Токму таа сезона Буфон го доживеа еден од најтешките порази во кариерата. Со ПСЖ имаа предност од 2:0 против Манчестер јунајтед во нокаут фазата од ЛШ и во Париз очекуваа сигурен пласман во следната фаза. За жал на Буфон, Манчестер успеа да победи со 3:1 и Светците беа елиминирани, а на Буфон му се сруши сонот за европска клупска титула.
„Четири пати неделно се присетувам на тој меч. Ме прогонува и буди лошо чувство кај мене. Сигурен сум дека таа година ќе игравме во финалето на ЛШ. Во Манчестер одигравме сјајно“, се присетува Буфон, кој додава дека тој е виновен за еден од погодоците и дека пред мечот го потценил противникот.
„Јас сум виновен за тој пораз. Мене како најискусен не смееше да ми се случи таков кикс кога Манчестер го даде вториот гол. Бевме сигурни дека реваншот ќе биде само формалност и се опуштивме. Не го гледавме тој меч како посебно важен затоа што Манчестер практично имаше само два здрави играчи и останатите девет беа јуниори. Никогаш претходно не ми се случила таква ситуација, толку да се опуштам пред важен меч“, со жалење се присетува легендарниот италијански голман, кој сезонава е резерва во Јувентус и уште сонува дека може да стигне до титула во Лигата на шампиони.