Буфон открива зошто ПСЖ не може да триумфира во Лигата на шампионите

Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон гостувајќи во поткастот БСМТ откри зошто ПСЖ, кој важи за најголем трошаџија во европскиот фудбал, не може да триумфира во Лигата на шампионите.

Буфон, кој една сезона (2017-18) помина во редовите на ПСЖ, вели дека веднаш сфатил зошто ПСЖ не може да триумфира иако во својот тим имаше ѕвезди како Килијан Мбапе, Нејмар…

„Во Париз пристигнав од Јувентус, кој имаше одлични играчи, но кога дојдов во ПСЖ, си помислив „мама миа“ – да ги земам овие играчи и да ги однесам во Торино, сигурно ќе ја освоевме Лигата на шампионите четири години по ред. Но, како и со сите работи во животот, сè има доблести и мани. Ги имавме Мбапе, Нејмар, Верати, Тијаго Силва. Се прашував како е можно да не триумфираа во Лигата на шампионите. Но, потоа сфаќате дека има одредена динамика која постои со толку големи имиња. Може да стане многу комплицирано во соблекувалната, дури и кога атмосферата е добра, како што беше кога бев таму. Поминав една сезона и сфатив зошто ПСЖ нема да ја освои Лигата на шампионите“, вели Буфон.

ПСЖ утревечер ќе го игра првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите. На „Паркот на принцовите“ го пречекува Реал Сосиедад, а реваншот е закажан за петти март во Сан Себастијан.

- Оглас -

Најнови вести