Буфон: Спалети е вистинскиот човек за селекторското столче

Лучано Спалети на деветти септември на Националната арена „Тодор Проески“ ќе дебитира на клупата на италијанската репрезентација, а Џанлуиџи Буфон, кој е тим менаџер на Аѕурите, смета дека тој е идеално решение за селекторското столче.

„Имам чувство дека Италија го пронајде вистинскиот човек во вистинско време. Имав можност изминатите неколку дена да ги поминам со Спалети и неговиот стручен штаб и видов и слушнав дека зборуваа за емоциите и вредности за кои сметам дека се неопходни за остварување на нашата цел“, изјави Буфон.

Спалети на селекторското столче на Аѕурите дојде откако Роберто Манчини пред неколку недели си поднесе оставка за да седне на клупата на Саудиска Арабија и да стане најплатен фудбалски селектор на светот.

„Фудбалската федерација на Италија реагираше експресно и ефикасно и тоа е навистина за поздравување и мора да се почитува“, рече Буфон, кој со 176 натпревари е рекордер во репрезентацијата на Италија по бројот на одиграни мечеви.

Буфон на позицијата тим менаџер во репрезентацијата го наследи Џанлука Вијали, кој во јануари годинава ја загуби битката со канцерот.

 

- Оглас -

Најнови вести