Бугарската фудбалска репрезентација е во борба за првото место во Ц сегментот од Лигата на нации во група во која е многу израмнета, а се уште и селекциите на Белорусија, Северна Ирска и Луксембург.
По три кола, Бугарија има пет бода, колку и Белорусија, а вечерва игра против Северна Ирска која е трета со еден бод помалку. Одбраната е главниот адут на нашиот источен сосед, бидејќи во три меча нема примено ниту еден гол. Нападот им „чкрипи“, бидејќи погодиле само еднаш во првите три кола.
Одлична серија има Бугарија. Без пораз се на последните девет натпревари. Имаат дури седум реми и две победи (осум средби се завршени со максимум два погодоци), а вечерва на теренот во Северна Ирска ќе се обидат да комплетираат 10 дуели без пораз. Ако успеат да останат непоразени, Бугарите ќе бидат блиску до повторување на еден историски рекорд за нивната селекција.
Пред повеќе од половина век, односно во јуни 1972 година, до март 1973 година, бугарската фудбалска репрезентација имала 12 натпревари без пораз. Ако сега успеат Бугарите да ја завршат групата во Лигата на нации без пораз, тогаш ќе го израмнат националниот рекорд. Прв предизвик е вечерва во Белфаст кај Северна Ирска.