Шкупи се обидува да го провоцира Левски пред денешниот реванш од второто квалификациско коло во Лигата на конференциите со тоа што од клубот ги заборавиле во Скопје белите дресови и вечерва сакаат да играат во сини, пишува бугарскиот портал „Гонг“.
Од Шкупи побарале Левски, кој е домаќин и клупската боја му е сина, на стадионот „Герена“ вечер да игра во жолти дресови исто како на првиот меч во Скопје.
Бугарските медиуми откриваат дека чаирчани уште синоќа забележале дека не ги понеле со себе белите дресови со кои треба да играат (Левски како домаќин секогаш носи син дрес), но и покрај тоа, никој од клубот не се потрудил да организира дресовите да бидат донесени од Скопје, кој е на четири часа возење со автомобил до бугарската престолнина.