Селекторот на женската фудбалска репрезентација на Бугарија, Силвија Радојска, по ремито против Македонија од 2-2, се пожали на односот на нашите репрезентативки. Македонија водеше 2-0, но последните 20 минути ги играше со играч помалку на теренот и прими голови во 85-тата и 95-тата минута.
„Ова беше инфарктен меч. Не се развиваше на начин на којшто сакавме. Знаевме дека ни треба нерешено или победа. Тимот на Македонија малку некоректно почна да го троши времето, при секакви ситуации лежеа на земја и чекаа медицинско лице. Правдата дојде во последните минути. Ако имаше уште малку време, сигурна сум дека ќе постигневме и трет победоносен гол“, рече Радојска.
И фудбалерката Јоана Станкова се пожали.
„Македонија навистина многу ја забавуваше играта и претерано провоцираа. Да се играа уште 3-4 минути, мислам дека ќе направевме целосен пресврт“, рече таа.