Бугарски тим никогаш не победил во Скопје, а Левски побара од фановите да навиваат коректно

Историјатот на досегашните меѓусебни дуели помеѓу македонски и бугарски клубови во европските купови покажува дека секогаш Бугарите биле тие кои оделе понатаму, но никогаш не победиле во Скопје.

Локомотив Софија ги има елиминирано Македонија Ѓорче Петров и Металург, а лани ЦСКА Софија беше подобра од Лавовите од Ѓорче. Но, софиските тимови на гостувањата во Скопје секогаш играа нерешено.

Ова значи дека Шкупи ќе има тешка задача во двобојот против Левски, но чаирчани може да бидат оптимисти дека барем дома нема да загубат, па во Софија да се обидат да прекинат една непријатна традиција. Шкупи во еврокуповите има елиминирано само три противника, Лапи од Косово, Линколн од Гибралтар и Хагелман од Литванија.

Вечерва во Скопје се очекува на трибините да има и околу 1.000 навивачи на Левски, па Сините од Софија со официјално соопштение се обратија до своите фанови и ги повикаа на фер и коректно навивање за да не добијат висока казна за расизам и ксенофобија.

„Ве повикуваме да го поддржите вашиот омилен тим во борбата против Шкупи без да покажете расизам и ксенофобија. Покрај фактот што ваквите настани можат да донесат тешки казни од УЕФА, нашиот клуб секогаш ги осудува и нема нетолеранција за вакви работи. Организаторите на мечот забрануваат внес на монети, запалки и цврсти предмети на стадионот. Ве потсетуваме дека употребата на пиротехнички средства за време на натпреварот ќе донесе големи казни за клубот“, велат од Левски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести