„Борусија парк“ е вистински бедем што не се освојува, а вечерва Борусија Менхегладбах ја продолжи импресивната серија од победи на свој терен со триумф од 2-0 против Нирнберг.
Второпласираната екипа го заврши првиот дел од сезоната со настапи на својот стадион и има блескави 8 победи на 8 натпревари. Им остана уште гостувањето кај лидерот Борусија Дортмунд во последното коло од првиот дел на сезоната, а за удобен пат на дербито на 21-ви декември на „Сигнал Идуна парк“ се потрудија најдобрите стрелци на тимот.
Торган Азар во 47-мата минута ја поправи грешката од финишот на првиот дел кога утна пенал, па со деветтиот погодок ѝ донесе на Борусија предност од 1-0.
За да не заостане зад Азар, со деветти гол во сезоната се потруди и францускиот интернационалец Аласане Плеа, кој погоди во 86-тата минута за конечни 2-0.
Тимот од Менхенгладбах по 16 натпревари е на второто место во Бундеслигата со 33 бода, шест помалку од Борусија Дортмунд, но и со меч повеќе.
Нирнберг е претпоследен само со 11 бодови.