Симпатизерите на фудбалот веројатно се и најоштетени од трендот во посткорона ерата да се игра фудбал пред празни трибини, а денеска на мирен начин протестираа Шпанците.
Групи на навивачи на неколку клубови од Ла Лига и од Сегунда истакнаа пароли со кои го искажаа револтот. Ла Лига повторно ќе се игра од 11 јуни, и тоа по тримесечна пауза, а пораката на фудбалските вљубеници во Шпанија денеска беше јасна: Не се враќа фудбалот, туку вашиот бизнис.
Токму премиерата на рестартирањето на сезоната ќе покаже колку ќе недостасува публика на трибините. На 11 јуни прв меч во најквалитетната лига на Шпанија ќе биде дуелот меѓу Севилја и Бетис.
Тоа е едно од најголемите дербија во Европа и битка за Севилја, или популарното„Ел Гран Дерби“, што секогаш привлекува огромно внимание и полн капацитет без разлика каде се игра.
Овојпат „Санчес Писхуан“ ќе биде празен поради строгите протоколи и мерките за безбедност, а освен второлигашот Лас Палмас, кој најави дека ќе дозволи публика на трибини, сите останати клубови во Ла Лига и во Сегунда ќе играат без гледачи до крајот на сезоната.