Баер Леверкузен сезонава игра фантастично, тренерот Чаби Алонсо создаде „машинерија“ која не знае за пораз и која има шанса да постави апсолутен рекорд во германскиот фудбал.
Баер е лидер на табелата во Бундеслигата со три бода предност пред шампионот Баерн Минхен, кој има и натпревар помалку, а и двата тима се единствени кои не ја почувствувале горчината на поразот.
Баер во Бундеслигата има 11 победи и две ремија, победи и во сите пет меча во Лигата на Европа, а вечерва во германскиот Куп го совлада Падерборн со 3:1 и се пласира во четвртфиналето.
Фармацевтите сезонава се во серија од 21 натпревар без пораз и во германскиот фудбал има само две подолги серии од почетокот на сезоната. Едната серија е токму на Баер и изнесува 23 меча во сезоната 1978/79, но тогаш Фармацевтите играа во втората лига.
Рекордер во германскиот фудбал е Хамбургер, кој сезоната 1982/83 ја започа со серија од 24 натпревари без пораз.
Баер Леверкузен има шанса до крајот на годинава да го надмине овој рекорд и првата пречка ќе му биде и најтешка. Наредниот викенд Баер му гостува на одличниот Штугарт во дербито на колото во Бундеслигата, а потоа ќе игра со Молде во Лигата на Европа, по што ќе следуваат два меча на домашен терен против Ајнтрахт и Бохум во Бундеслигата.
Дека Штутгарт ќе им биде најголем предизвик на Алонсо и неговите фудбалери, доказ е денешната победа од 2:0 над Борусија Дортмунд во осминафиналето од германскиот куп.