Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, му поставил јасен ултиматум на тренерот Чаби Алонсо, објави „Ел Чирингито“. Според еден од коментаторите во шоуто, трпението на раководството кон Алонсо е при крај, а довербата во него почнува да се разнишува.
Според информациите, 42-годишниот стратег има рок до натпреварот од Лигата на шампионите против Манчестер сити за да ја промени негативната серија и да го врати тимот на вистинскиот пат. До тој дуел, кој е закажан за 10 декември, Реал Мадрид ќе одигра шест натпревари – против Елче, Олимпијакос, Жирона, Атлетик Билбао, Селта и споменатиот меч со Граѓаните. Овие натпревари ќе бидат клучни за иднината на Алонсо на клупата на Кралскиот клуб.
„Трпението е при крај. Раководството веќе почнува да ја губи довербата во ситуацијата. Алонсо има рок до мечот со Манчестер сити. Потоа повеќе време нема да има“, изјавил изворот на „Ел Чирингито“.
Оваа вест е прилично изненадувачка и е во контраст со претходните написи на весникот „АС“, кој тврдеше дека клубот целосно стои зад тренерот. Изданието дури објави дека ѕвездата Винисиус јуниор му поставил ултиматум на Перес, велејќи дека ако Алонсо остане, тој нема да го продолжи договорот што истекува во 2027 година. Од Реал, сепак, наводно би избрале да го задржат шпанскиот стратег пред Бразилецот.

