6.8 C
Skopje
понеделник, 20 октомври 2025

Чаби Алонсо откри кој беше клучниот момент за победата над Хетафе, а потоа „ја нападна“ Барселона

На Реал Мадрид му беше доволен еден гол за да стигне до победа и три бода на гостувањето кај градскиот ривал Хетафе. Кралскиот клуб дури во 80-тата минута го скрши отпорот на цврстите домаќини. Килијан Мбапе беше стрелец на голот, и тоа откако еден играч на Хетафе доби црвен картон. До крајот на средбата, домаќините останаа и без уште еден фудбалер на теренот.

Тренерот на Реал, Чаби Алонсо, беше задоволен затоа што мисијата на екипата беше остварена, а тоа е да се освојат трите бода и да се остане лидер на табелата во пресрет на големото Ел Класико кое ќе се игра следниот викенд на „Сантијаго Бернабеу“.

„Секогаш е тешко да се игра против Хетафе, посебно на нивниот стадион. Ни беше тешко да создадеме шанси. Винисиус е играчот кој направи промена во играта. Имаше големо влијание и поради фаулите над него, двајца играчи на Хетафе добија црвен картон. Знам дека овој меч не беше многу добар меч за гледање, но најважно е дека на крајот ги освоивме трите бода. Сега започнуваме подготовки за дуелот против Јувентус во Лигата на шампионите“, вели Алонсо.

Тренерот на Реал потенцираше дека е против идејата мечот меѓу Вилјареал и Барселона да се игра надвор од Шпанија, односно дури во Мајами, САД, затоа што на тој начин се загрозува интегритетот на натпреварувањето.

Алонсо по мечот посочи дека има проблеми со тимот и дека во следниот преоден рок клубот мора да се фокусира на доведување барем на двајца дефанзивци.

- Оглас -

Најнови вести