Реал Мадрид не застанува со засилувањата, Кралевите забрзано го оформуваат тимот за претстојното Светско клупско првенство и новата ера под водство на Чаби Алонсо.
По веќе договорените трансфери на Трент Александер-Арнолд и Дин Хујсен, а и со очекуваниот доаѓање на левиот бек Алваро Карерас од Бенфика, фокусот сега се префрли на средниот ред.
Според шпанските медиуми, Реал како следна цел го поставил ангажманот на Анџело Штилер, 23-годишниот германски плејмејкер од Штутгарт, кој сезонава беше вистински диригент во средниот ред на тимот и одигра клучна улога во освојување на куп-трофејот.
Новата „шестка“ е приоритет за Алонсо, кој бара играч во стилот на Тони Крос, со визија, мирно изнесување на топката и способност да го контролира ритамот на натпреварот. Иако Мартин Зубименди беше прв избор, неговиот трансфер во Арсенал е речиси завршена работа, поради што Алонсо го предложил Штилер како алтернатива.
Се очекува Реал наскоро да започне официјални преговори со Штутгарт, а цената на младиот Германец според германските медиуми би можела да достигне околу 30 милиони евра.