12.8 C
Skopje
среда, 26 ноември 2025

Чаби Алонсо: Во Атина треба да го вратиме „вкусот на победите“

Само шест месеци поминаа откако Чаби Алонсо застана на чело на Реал Мадрид, а веќе ги има првите турбуленции во екипата. Дел од играчите, предводени од Винисиус јуниор се незадоволни од начинот на работа на Алонсо и имаат тивок бојкот. Сепак, челниците на Реал јасно и недвосмислиено застанаа зад тренерот и потенцираа дека Алонсо е шефот во екипата и треба сите да го слушаат.

Реал е прв на табелата во шпанското првенство, добро котира и на табелата во Лигата на шампионите, но Кралевите влегоа во една мини резултатска криза и немаат победа на последните три меча. Прво загубија од Ливерпул во ЛШ со 1:0, а потоа во домашното првенство ремизираа на гостувањата против Рајо Валјекано (0:0) и против Елче (2:2).

„Тоа беше она што го очекував. Работата е напорна, со добри моменти и други каде што ви треба поголема концентрација. Во овие моменти мора да реагирате, а сега сме во еден од нив. Уживам во привилегијата и честа да бидам тука. Тренерот на Реал Мадрид мора да се справи со овие ситуации. Имаме потребни квалитети и самокритика. Не сме задоволни од последните натпревари и знаеме што треба да постигнеме. Ни треба добра игра и да се вратиме на вкусот на победата. Мора да играме добро, со концентрација, бидејќи ова е важен натпревар за пласманот. Имаме девет бода, но сакаме да додадеме уште“, вели Алонсо.

Винисиус, Федерико Валверде и Едуардо Камавинга би можеле да се вратат во почетниот состав, а голманот Андриј Лунин ќе го има својот прв настап оваа сезона во отсуство на Тибо Куртоа, кој има проблеми со стомакот.

Реал Мадрид отпатува само со еден централен бек за дуелот во Атина, а домаќинот Олимпијакос ја брка својата прва победа во натпреварувањето оваа сезона и е на 32-то место на табелата.

- Оглас -

Најнови вести