Чави два меча на „ладење“, се враќа за Ел Класико, и Реал Мадрид и Барса се незадоволни

И Реал Мадрид и Барселона се незадоволни од денешните одлуки на натпреварувачката комисија.

Кралскиот клуб се жали што не е избришан жолтиот картон за Винисиус на мечот со Осасуна, па Реал на 31 март против Атлетик Билбао ќе мора да игра без својата ѕвезда. Реал бараше Винисиус да биде заштитен од судиите кога трпи расистички и други навреди како во Памплона, но комисијата смета дека извиците „Вини умри“ не се причина и провокација за тој да приговара кон судијата.

„Односот на играчот кон судијата не е ништо друго освен резултат на фрустрација и беспомошност со оглед на очигледната пасивност на судијата во однос на скандирањата кои се изговараат против него“, сметаат од Реал.

Каталонците на следните два меча ќе бидат без тренерот Чави. Чави доби црвен картон поради приговори на дербито со Атлетико Мадрид и денеска му е одредена суспензија од два меча, што значи дека ќе може да се врати на клупата на Ел Класико против Реал во Мадрид на 21 април. Од Барса најавија жалба и според нив, казната треба да биде намалена или поништена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести