Чави Ернандес ја потресе фудбалската јавност во Шпанија откако одлучи да проговори за случувањата во клубот и да ги обвини претседателот Жоан Лапорта и луѓето околу него по две години откако си замина од „Камп ноу“.
„По заминувањето решив да не давам изјави од почит кон Барселона. Луѓето знаат колку го сакам клубот и дека целото мое семејство навива за него, но…“
„Сè што клубот кажуваше беше апсолутна лага и чувствувам дека морам да го кажам тоа. Долго го носев во себе и сакам да расчистам некои работи“, изјави Чави.
Тој директно го обвини Лапорта за предавство и тврди дека вистинската моќ во клубот ја има Алехандро Ечеварија.
„Потпишав за Барселона благодарение на Лапорта, но на крајот ме изневери. Ме оттурна со лаги, а неговата глава ја полни човек кој е над него. Неговото име е Алехандро Ечеварија.“
„Со други зборови, Ечеварија е човекот кој ми даде отказ. Тој е вистинскиот човек што го води клубот.“
Чави откри и дека Лионел Меси бил многу блиску до враќање во Барселона во 2023 година, веднаш по освојувањето на Светското првенство со Аргентина.
„Враќањето на Меси во Барселона беше речиси завршена работа. Имавме зелено светло од Ла Лига, Лео сакаше да се врати, но Лапорта го стопира потписот. Ми рече дека Меси ќе тргне против него и дека не може да го дозволи тоа.“
„Важно ми е да ја кажам вистината. Меси не се врати затоа што Лапорта не го сакаше. Не е виновна Ла Лига, ниту пак Хорхе Меси бараше повеќе пари. Тоа е лага.“
Чави призна дека оваа ситуација влијаела и на неговиот однос со аргентинската ѕвезда.
„Тоа што не се врати во клубот, му наштети на мојот однос со него. Лео мислеше дека сум дел од целата шема. Повторувам, Лапорта беше тој што не го сакаше. Сега повторно сме во добри односи.“
„Силно го посакував неговото враќање. Дури и денес мислам дека може да ѝ помогне на екипата. Тој ќе игра и на следното Светско првенство и сигурен сум дека повторно ќе успееше на ‘Камп ноу’. Тоа беше желба и на двајцата. Но, долго време не можев ни да разговарам со него поради луѓето што сега го водат клубот.“
Чави продолжи со остри обвинувања кон раководството на Барселона.
„Лапорта и Ечеварија нарачаа медиумска кампања против мене. Алехандро лажеше играчи како Серхи Роберто, Араухо, Педри и Рафиња дека сакам да ги продадам. Тоа ме повреди. Му верував на Лапорта, а Ечеварија го сметав за пријател. На крајот тој ме оттурна од клубот.“
На крајот, 46-годишниот легендарен фудбалер објасни зошто одлучил токму сега да проговори.
„Постојат неколку причини зошто решив да зборувам токму сега, а главната е дека сакам да ја кажам мојата страна од приказната“, изјави Чави и додаде:
„Никогаш повеќе нема да се вратам во Барселона. Јас го дадов своето и како играч и како тренер.“
Чави како играч освои сè со Барселона. Одигра 767 натпревари и постигна 85 голс со 185 асистенции.
Како тренер го водеше тимот од ноември 2021 до мај 2024 година. Во тој период ја предводеше екипата на 142 натпревари, со 89 победи, 24 ремија и 29 порази, освојувајќи ги Ла Лига и шпанскиот Суперкуп.

