Тренерот на Барселона, Чави, ризикува да добие отказ од клубот на крајот од оваа сезона доколку тимот не заврши на второ место во шпанското првенство.
Поразот од Жирона ја разнишал вербата на управата во Чави, и наводно доколку Барселона заврши пониско од второто место на крајот од сезоната, клупските челници може да одлучат да го отпуштат 44-годишниот стручњак.
Чави во јануари кажа дека си оди, но се попишмани и неодамна на состанок со раководството на Барса реши сепак да не го напушти тимот на крајот на сезонава.
Ако Барселона не биде втора во Ла Лига, тоа значи дека нема да игра на шпанскиот Суперкуп, што им ги затвора вратите за 8 милиони евра колку што е приходот од учеството, а плус и ќе бидат засрамени што после 82 години не би биле најдобар каталонски тим во една сезона во Ла Лига.
Во случај на такво сценарио, не би била загрозена само иднината на Чави, туку и на многу фудбалери. Во моментов само пет играчи се сигурни и гарантирано нема да бидат продадени, а тоа се: Ламине Јамал, Гави, Фермин Лопез, Пау Кубарси, и Марк-Андре Тер Штеген. Останатите, вклучувајќи го и стручниот штаб, се изложени на ризик и следните четири натпревари ќе им ја одредат судбината и продолжувањето во Барса.