Чави Ернандес нема намера да ја промени одлуката која минатиот месец јавно ја соопшти, дека на крајот од сезоната ќе си замине од Барселона.
Во последниот период, игрите и резултатите на Барселона сè се подобри и управата на каталонскиот тим на чело со претседателот Жоан Лапорта, се обидува да го задржи Чави на клупата и следната сезона, но тренерот останува на својата одлука.
„Благодарен сум на Барселона, на претседателот, на спортскиот директор Деко. Но, во овие моменти ништо не може да ја промени мојата одлука. Едноставно, останувам на својот став и клучниот збор е благодарам“, изјави Чави на прес-конференцијата пред мечот со Лас Палмас.
Тој е пресреќен поради одличната игра на младиот Ламин Јамал за шпанската репрезентација во дуелот со Бразил (3:3).
„Ламин доби овации во Мадрид. Покажа дека е поинаков фудбалер, ги видовме неговиот талент, сила и скромност. Тој дефинитивно ќе ја одбележи иднината на Барселона“, изјави Чави.