Барселона и Мајорка утревечер ќе го отворат 28 коло на шпанската Примера дивисион, а тренерот на каталонскиот гигант, Чави Ернандес е оптимист не само за овој меч, туку и за тоа дека неговиот тим уште има шанси да се бори за титулата.
„Не верувам дека сме ја загубиле трката за титулата. Во минатото коло на „Сан Мамес“ имавме голема шанса да се доближиме до Реал Мадрид и да ја поминеме Жирона, но не успеавме и сега сме фокусирани на дуелот со Мајорка. Со победа повторно ќе се доближиме до врвот и ќе направиме притисок врз Реал и Жирона. Ние ќе се бориме се додека има математички шанси да ја одбраниме титулата. Добро ја анализиравме играта на Мајорка и верувам дека ќе може да одиграме како против Хетафе“, вели Чави кој потенцира дека има проблеми со повредени играчи, но ќе се обиде да состави екипа која ќе му донесе три бода против Мајорка.
Ако се погледнат меѓусебните дуели, Барселона доминира во мечевите против Мајорка и има 13 победи и само две нерешени во последните 15 средби. мајорка последен пат победила во мај 2009 година.