Чави среќен: Барселона покажа дека е конкурентна и во Европа

Тренерот на Барселона, Чави, беше емотивен по победата над Наполи во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите, Каталонците по четири години повторно се четвртфиналисти.

Барса и пред четири години во осминафиналето го елиминира Наполи со истите резултати, 1-1 на гости и 3-1 дома.

„Доминиравме во поголемиот дел од натпреварот и многу сум горд на тоа. Кажав дека овој тим стана значително поактивен откако ја објавив мојата одлука да заминам од клубот. Ова е момент во кој навистина ќе уживаме! Покажавме дека сме конкурентни во Европа. Наша цел беше да играме агресивно, со и без топка. Наполи речиси и да не реализира контранапади, мислам дека направивме одлична работа. Моите играчи теренот го напуштија тотално исцрпени“, рече Чави.

Ако вечерва Интер го елиминира Атлетико Мадрид, тогаш Барселона ќе се пласира на Светското клупско првенство во 2025 година.

„Светското клупско е во 2025, уште е далеку, не мислиме на тоа“, додаде Чави, чиј тим го елиминира Наполи од настап на тој настан и му овозможи на Јувентус да биде дел од спектаклот кој следното лето се игра во САД.

- Оглас -

Најнови вести