Чеферин: Без завршено првенство, нема директен пласман во Лига на шампиони и Европа Лига

Александер Чеферин е оптимист дека околу 80 проценти од домашните првенства во Европа ќе се доиграат регуларно, до крајот на јули, а за сите што ќе прогласат предвремен крај ќе има благи санкции.

Словенецот најави дека екипите од земјите што нема да ја доиграат сезоната ќе мора да играат квалификации за пласман во фаза по групи во Лигата на шамоионите и во Европа Лигата.

„Верувам дека грото првенства во Европа ќе се доиграат на регуларен начин. Нашата проценка е 80 посто, но се надеваме дека процентот ќе биде и поголем. Сите што нема да го завршат домашниот шампионат ќе мора да играат квалификациски мечеви. Сакаме на спортски начин на терен да заврши се, иако знаеме дека условите се тешки“, изјави Чеферин.

Тој додаде дека е оптимист и дека регуларно ќе заврши и сезоната во Лигата на шамлионите и Европа Лигата, а мечевите што останаа треба да се играат во август, месец резервиран за дуелите во двете најквалитетни клупски европски натпреварувања.

Планот е веќе објавен, најпрво од 7. август ќе се доиграат реванш осминафиналињата од Лигата на шампионите, потоа и двомечите во четвртфиналето и полуфиналето, за да се стаса до мечот за титула во Истанбул, презакажан за 29. август.

Европа Лигата ќе продолжи малку порано, на 2. август, а по ист терк ќе се движат работите до финалето во Гданск, предвидено за 26. август.

Проблем имаат двата француски клубови што останаа во игра за европската круна. Пари Сен Жермен и Лион веќе ја завршија сезоната на домашната сцена, откако Франција ја прекина Лига 1, а голем проблем е што во оваа земја не се дозволени спортски активности до септември.

„Пари Сен Жермен и Лион треба да понудат гаранции дека може да ги играат домашните мечеви на своите стадиони, во спротивно ќе мора да настапат на неутрален терен“, заврши Чеферин.

- Оглас -

Најнови вести