Чеферин најави ново правило кое ќе ги налути европските гиганти

Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин, зборуваше за проблемите кои се случија во светскиот фудбал поради Коронавирусот, но не можеше да не го искоментира и трансферот на Лионел Меси од Барселона во Пари Сен Жермен.

„Ова беше најтешка година во историјата на УЕФА. Прво ја имавме Короната и сите мечеви мораа да се играат без присуство на публика. Играчите постојано беа тестирани, имаше многу комплицирани ситуации, па се случи најавата за Суперлигата и притисокот кој таа го создаде, за на крајот да се одигра Европското првенство. Самиот на себе си велам дека ако го преживеавме ова во фудбалот, ќе преживееме се останато што следи“, вели Чеферин кој додаде дека нема да им брани на клубовите да направат Суперлига, но едноставно тие што ќе бидат дел од Суперлигата нема да може да бидат дел од лигите на УЕФА.

Првиот човек на УЕФА откри дека се размислува за воведување на данок на луксуз кој ќе го плаќаат богатите клубови кои најмногу трошат.

„На Меси му истече договорот и си замина без оштета. По секоја сезона ги проверуваме сите трошоци на сите клубови. Луѓето треба да сфатат дека не е важно колку си потрошил, туку колку си заработил. Дури на крајот од сезоната ќе знаеме дали се било во ред со овој договор на Меси или не. Воведувањето на финансискиот фер плеј беше со цел да се стави крај на драстичните разлики кои се појавија меѓу клубовите. Имаме неколку идеи за воведување на данок на луксуз, пари кои би завршувале кај помалите клубови. Мораме да внимаваме што се случува во фудбалот, затоа што ако истите пет клуба постојано се на првите пет места, тогаш нема да биде интересно за гледање“, објасни Чеферин.

 

- Оглас -

Најнови вести