Полека се дува балонот и за фудбалското ЕП – Можно е да се игра во само една земја

Европското првенство што требаше да биде јубилејно по повод 60 години од првиот шампионат, го преживеа првиот удар со пролонгирањето за една година, а сега може да следи уште еден удар, особено за 12-те градови што требаше да бидат домаќини.

Александер Чеферин, претседателот на УЕФА и неговите соработници размислуваат за НБА варијанта и за популарниот балон, што би значело одигрување на шампионатот во 2021 година во само една земја.

„Апсолутно сме сигурни дека Европското првенство ќе се одржи во 2021 година, но можно е тоа да биде во 11 земји, во 8, пет, или во само една од нив. Уште размислуваме и дали ќе биде со полн капацитет на трибините, со ограничен број на гледачи, или воопшто ќе ги нема“, изјави Чеферин.

Јубилејот требаше да се прослави со заедничка организација во 12 европски градови и со ЕП годинава, но беше пролонгирано за 2021 година поради корона-вирусот.

Сега е сосема можна варијантата да се игра во една земја, па грото од предвидените градови домаќини, Амстердам, Баку, Билбао, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Даблин, Глазгов, Минхен, Рим, Санкт Петербург и Лондон ќе отпаднат.

Ако сепак нема промени од првобитниот план првенството треба да почне на 11. јуни и да заврши на 11. јули со финалето во Лондон.

- Оглас -

Најнови вести