Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин, призна дека властите во европските земји ќе го имаат последниот збор околу тоа дали и како ќе продолжат фудбалските првенства кои беа прекинати поради пандемијата со корона-вирусот. Од УЕФА претходно порачаа дека сите првенства мора да се доиграат, но сега се свесни дека ситуацијата е посериозна отколку што се очекуваше.
„Би сакал што е можно побрзо да ги видам фудбалерите повторно на теренот, но сѐ ќе зависи од државните власти. Со сите медицински потреби, зад затворени врати, натпреварите би можеле да се вратат релативно брзо. Сепак, спортот нема да биде тој што ќе реши, туку политиката“, вели првиот човек на УЕФА, Чеферин.
Словенецот кој е на чело на УЕФА е убеден дека опасниот вирус набрзо ќе биде победен и дека фудбалот наскоро ќе се врати на старите патеки.
„Човекот ќе го победи корона-вирусот. Видовме колку нашиот свет е чувствителен и ранлив и како една ваква ситуација успеа целосно да нѐ дестабилизира. Фудбалот е создаден од позитивна енергија, а до враќањето на фудбалот луѓето нема да имаат перцепција дека ситуацијата е вратена во нормала. Фудбалот се промени, но тоа ќе биде само за кратко. Веќе имаме преживеано војни, епидемии и во минатото. Очекувано наскоро да го имаме стариот добар фудбал“, додава Чеферин.
Од поголемите првенства, засега Франција и Холандија дефинитивно се откажаа од продолжување на сезоната откако политичарите во тие земји решија дека нема да има никакви спортски случувања до септември.