Чеферин: Сакаат да играат Суперлига, а се пријавуваат за Лигата на шампионите

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, се чуди како Јувентус, Реал Мадрид и Барселона уште не се откажале од идејата за формирање Суперлига. Првиот човек на европскиот фудбал вели дека само челниците на овие три клуба уште мислат дека „земјата е рамна“.

Старата дама и двата шпански гиганти беа дел од 12-те клубови кои во април решија да ја формираат Суперлигата. Сепак, само по 48 часа, идејата за оваа лига пропадна откако шесте клубови од Премиер лигата, заедно со Атлетико Мадрид, Интер и Милан се повлекоа од проектот.

„Дури и најголемите оптимисти знаат дека Суперлигата е готова и дека не постои. Мислам дека само три клуба уште мислат дека може да ја реализираат таа идеја. Со нивното однесување ни помогнаа затоа што сега слободно може да им кажеме „Ако не ви се допаѓа Лигата на шампионите, повелете во вашата Суперлига и играјте сами меѓу себе“. Многумина велеа дека Суперлигата е проект на американските газди, но немојте да заборавите дека единствените кои веруваат дека „земјата е рамна“ се двајца Шпанци и еден Италијанец“, вели Чеферин.

Првиот човек на УЕФА вели дека се чуди како може клубовите кои сакаат да формираат Суперлига, да се пријавуваат за место во Лигата на шампиони.
„Излегоа со соопштение дека Суперлигата постои, а два дена подоцна поднесоа барање дека сакаат барање за играње во Лигата на шампионите. Тие велеа дека Лигата на шампионите не постои, а се пријавуваат да играат во неа. Сега се закануваат дека ќе нè тужат, дека ќе одиме на суд. Очигледно е дека имаат премногу пари, а ако е така, подобро е да вложуваат во младинскиот и женскиот фудбал“, додава Чеферин.

 

- Оглас -

Најнови вести