Чеферин: Случајот Негреира е еден од најсериозните што сум ги видел

Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин, ја предупреди Барселона дека може да се соочи со казна од Европската куќа на фудбалот доколку се докаже нејзина вина во случајот Негреира.

Чеферин ја предупреди Барселона дека за разлика од Фудбалската федерација на Шпанија и Ла Лига, кои не можат да го казнат каталонскиот тим поради застареност на случајот, за УЕФА не важат тие правила.

УЕФА пред десетина дена соопшти дека отвори истрага за случајот Негреира, во кој поранешните претседатели на Барселона, Хосеп Марија Бартомеу и Сандро Росел се обвинети дека му платиле вкупно 8,4 милиони евра на поранешниот потпретседател на судиската комисија во Ла Лига, во периодот од 2001 до 2018 година.

Управата на Барселона демантира дека му платила на Негреира да им делегира судии кои ќе судат во корист на каталонскиот тим, туку дека му плаќале за да врши анализа на судењето како и за советување на фудбалерите како да се однесуваат при судиските одлуки. Од каталонскиот тим се правдаат дека тоа не е казниво со закон и тоа го прават речиси сите екипи кои играат во Ла Лига.

„Не можам директно да коментирам за овој случај од две причини. Прво, затоа што имаме независна дисциплинска постапка и второ, затоа што не се занимавав детално со него. Но, можам да кажам нешто друго. Колку што сум информиран, ситуацијата е крајно сериозна. Толку сериозна што според мене, е една од најсериозните кои сум ги видел во фудбалот. За Ла Лига и за Шпанската федерација, случајот е застарен, но за УЕФА не постои застареност на случаите“, изјави Чеферин во интервју за словенечка Екипа 24.

- Оглас -

Најнови вести