Претседателот на Eвропската фудбалска унија, УЕФА, Александер Чеферин имал телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и му посакал среќа во баражот за пласман на Европското првенство во Германија.
Оваа информација ја објавија од УЕФА на нивната веб-страница, а во соопштението се користи дипломатски речник и никаде не се споменува ниту зборот војна, ниту Русија.
„Претседателот на УЕФА ја изрази својата непоколеблива поддршка и восхит кон Украина и храброста на нејзиниот народ во овие тешки времиња и пренесе надеж за брзо и мирно решение што ќе ѝ донесе стабилност и просперитет на Украина. Тој исто така и посака многу среќа на репрезентацијата на Украина за нивните претстојни бараж-натпревари за пласман на Европското првенство“, се вели во соопштението на УЕФА.
Од Нион истакнуваат дека претседателот Зеленски се заблагодарил за убавите збориви, но и за поддршката која им ја дава УЕФА.
Репрезентацијата на Украина е дел од Сегментот Б во баражот за пласман на Европското првенство во Германија, а во полуфиналето за противник ја има селекцијата на Босна и Херцеговина. Победникот од овој дуел во финалето ќе игра против подобриот од натпреварот помеѓу Израел и Исланд.