Чеферин задоволен од новиот формат во сите три клупски натпреварувања на УЕФА, откри што се случува и со Супер лигата

Претседателот на Европската фудбалска куќа УЕФА, Александер Чеферин, проговори за промената на системот на натпреварување во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига, а откри и важни вести поврзани за Супер лигата.

Чеферин изјави дека промената на системот на натпреварување ги направи сите европски купови поинтересни. Групната фаза од сите три натпреварувања сега имаат по 36 клубови и сите се во една група, за разлика од претходниот систем. Во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа секој клуб игра по осум натпревари, а во Конференциската лига секој клуб игра по шест натпревари во групната фаза.

„Сите се супер задоволни од новиот систем на натпреварување, освен вообичаениот еден процент од критичарите. Натпреварите ги направивме поинтересни. Последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите беше наелектризиран, а секој гол менуваше сѐ на табелата. Новиот систем е успех не само за Лигата на шампионите, туку и за Лигата на Европа и за Конференциската лига. Новиот систем со еден збор е – успешен. Дали сите добија шанса да се борат? Секако“, изјави Словенецот за ТВ Скај спорт.

Првиот човек на УЕФА гордо потенцираше дека идејата за формирање на Суперлига е целосно згасната.

„Суперлигата не постои. Конечниот збор одамна е даден на таа тема“, вели Чеферин.

- Оглас -

Најнови вести