Чекаме десетка против Лихтенштајн, пред 25 години броевме до рекордни 11 (Видео)

Македонија ја очекува јубилејната десетта победа во 11-тиот меч против Лихтенштајн, а токму до 11 гола броевме на историскиот дуел во 1996 година, кога го нокаутиравме ривалот со 11:1, што е највисок триумф во историјата на нашата репрезентација.

Предводени од тогашниот селектор Ѓоко Хаџиевски, македонската фудбалска машинерија ја наполни до врв мрежата на Мартин Хеб и славевме со неверојатни 11:1.

Дејви Главевски постигна хет-трик, по два гола дадоа Саша Ќириќ, Тони Мицевски и Митко Стојковски, а по еден погодок постигнаа Ѓорѓи Христов и Ванчо Мицевски.

Франц Шадлер го постигна единствениот гол за домаќините во најубедливата победа на Македонија на официјален меч точно пред 25 години, на 9 ноември во 1996 година.

Македонија постигна вкупно 38 гола против Лихтенштајн, или во просек речиси по четири на меч, а прими пет гола.

Имаме девет победи и едно реми во 2002 година, кога на гостински терен одигравме 1:1, па денеска ја очекуваме и јубилејната десетка против аутсајдерот во Ј групата во квалификацискиот циклус за настап на Мундијалот во Катар.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести