Чекаше скоро 17 години за повторно да брани во Лигата на шампионите!

Манчестер сити без проблеми се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите, иако синоќа на свој терен одигра само 0:0 против Спортинг. Англискиот тим сите дилеми ги реши уште на првата средба во Лисабон, кога победи со убедливи 5:0, па реваншот на стадионот „Итихад“ беше само формалност.

Токму овој меч против Спортинг беше како измислен за на голот на Манчестер сити да застане Скот Карсон. Искусниот 36-годишен чувар на мрежата влезе во игра во второто полувреме и со тоа постави еден интересен рекорд во Лигата на шампионите. Карсон стана играчот кој имал најголема пауза меѓу два меча во елитното натпреварување на УЕФА.

Карсон во ЛШ бранеше по пауза од точно 16 години и 338 денови. Последен пат во ова натпреварување бранеше уште како тинејџер, кога влезе како замена за Јиржи Дудек на голот на Ливерпул. Тогаш перспективниот голман бранеше на мечот одигран на 5 април 2005 година, и тоа против Јуветус на „Енфилд роуд“, во четвртфиналето од ЛШ. Дудек имаше повреда на коленото, па затоа Карсон мораше да брани на тој важен меч.

Таа сезона, Ливерпул стигна до титулата во Лигата на шампионите, а токму Дудек беше херојот во легендарното финале против Милан одиграно во Истанбул во 2005 година. Милан водеше со 3:0, Ливерпул израмни на 3:3, а потоа на пенали, Дудек одбрани три од петте пенали на Росонерите. Карсон беше резерва на Дудек и се радуваше на титула во ЛШ.

Иако се најавуваше како голем талент, Карсон никогаш не направи ѕвездена кариера. Освен на Дудек, во Ливерпул беше резерва и на Пепе Рејна. Потоа замина во Шефилд јунајтед, а бранеше и за Чарлтон, Астон вила, ВБА, Бурсаспор и Дерби каунти. Сега е трет избор во Манчестер сити, но Пеп Гвардиола му даде шанса да брани против Спортинг во ЛШ.

„Воодушевен сум од тоа како работи. Секојдневно одлично соработува со Едерсон, а сега тој нè спаси од пораз. Соиграчите имаат големо почитување кон него. Кога зборува тој, останатите го слушаат. Добро е да се има таков играч во тимот“, рече тренерот на Сити, Пеп Гвардиола.

- Оглас -

Најнови вести