Чекор поблиску до целта: Бостон на сигурен начин дојде до 2-1 против Воините (видео)

Бостон селтикс одново поведе во финалната серија против Голден стејт, овојпат со 2-1 по триумфот ноќеска од 116:110.

Келтите го искористија првиот меч на домашен терен да ја вратат иницијативата и да направат исчекор кон титулата која ја чекаат од 2008 година. Тејтум и дружината сега се на две победи од рекордна 18-та титула за франшизата од Масачусетс.

Цврстата одбрана која е одлика на Бостон ноќеска функционираше речиси беспрекорно, иако популарните Сплеш браќа, Стеф Кари (31) и Клеј Томпсон (25), комбинираа 56 поени.

Воините немаа одговор за мотивираните домаќини, а само по третпат во историјата на финалните натпревари се случува четворица од петмина стартери на една екипа да постигнат по 10+ поени, 5+ скока и 5+ асистенции.

Браун предводеше со 27 поени, 9 скока и 5 асистенции, Тејтум даде еден поен помалку при 6 скока и 9 асистенции, Смарт застана на 24 поени, 7 скока и 5 асистенции, додека Хорфорд реализира 11 поени, 8 скока и 6 асистенции.

https://twitter.com/NBA/status/1534739432477278214

Бостон од самиот почеток покажа повеќе желба за победата и држеше резултатска предност во речиси целиот натпревар. Голден стејт неколкупати се враќаше од двоцифрена негатива, во третиот период дури и првпат поведе при резултат 82:83, но тоа никако не беше доволно за да се избегне тежок пораз, по кој тимот од Сан Франциско ќе мора брзо да закрепне.

Четвртиот меч од финалната серија е предвиден да се одигра ноќта меѓу петок и сабота, во кој Бостон повторно ќе биде домаќин.

- Оглас -

Најнови вести