Челичниот Рамос – Не му е ништо на капитенот на Реал, ќе игра против Мајорка

Серхио Рамос тренираше со соиграчите денеска и веројатно ќе биде подготвен за настап против Мајорка утре од 22 часот. Голем поттик за Реал Мадрид е што со капитенот во редовите се вратија и Еден Азар и Иско.

Рамос се повреди на дуелот во Сан Себастијан против Реал Сосиедад, а се пожали на проблеми со коленото и излезе од игра. Сепак, капитенот на Карлевите е цврст и тешко се предава, па речиси сигурно ќе игра против Мајорка, чиј член е нашиот репрезентативец Александар Трајковски.

Азар не играше на „Аноета“, но и тој веројатно ќе биде подготвен за настап утре, на „Алфредо ди Стефано“, против екипата што бие битка за опстанок во Ла Лига.

Иско најдолго паузираше од триото со повреди и го очекува првиот настап за Реал во посткорона ерата, откако ги прескокна трите меча по рестартирањето на Ла Лига.

Реал Мадрид е во мртва трка со Барселона за титулата во Шпанија и на 8 кола до крајот, вечните ривали имаат еднаков број бодови, по 65, како единствени кандидати за пехарот.

Кралскиот клуб е во мала предност поради подобриот меѓусебен биланс, што е прв критериум за титулата, ако и двете екипи останат израмнети со бројот на бодови и по последното коло.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести