Правилата во САД велат дека странец кој не е вакциниран против Коронавирусот не смее да добие дозвола за влез во земјата. Токму поради ова правило, најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, минатата година не настапи на популарниот Гренд слем турнир, Отворенот првенство на САД. Правилата во САД уште не се сменети, Ѓоковиќ не е вакциниран, што значи дека уште нема право за влез во земјата.
Сепак, челниците на САД Опен се надеваат дека рекордерот по бројот на Гренд слем титули и рекордерот по бројот на недели поминати на светскиот врв на АТП листата, сепак оваа година, ќе биде дел од турнирот. Освен Гренд слем турнирот, во САД се играат и два големи турнири како што се тие во Индијан Велс и Мајами, па очекувањата се Србинот да биде дел и од нив.
„Новак Ѓоковиќ е еден од најдобрите прваци кои некогаш биле дел од нашиот спорт. Тениската федерација на САД и организаторите на САД Опен се надеваат дека ќе биде позитивно одговорено на молбата на Ѓоковиќ да добие дозвола за влез во земјата и дека навивачите ќе може да го гледаат и на Индијан Велс и во Мајами“, стои на официјалната твитер страница на американскиот гренд слем турнир.