Англискиот премиерлигаш Челзи пред почетокот на сезоната потроши дури 300 милиони евра за засилувања, но од постигнатите резултати, не се задоволни ниту менаџерот Греем Потер, ниту новиот сопственик Тод Боли и во наредните два преодни рока планираат да потрошат дури 400 милиони евра за нови играчи.
Летово Челзи даде 300 милиони евра за ангажирање на Калиду Кулибали, Марк Кукуреља, Весли Фофана, Рафим Стерлинг и Пјер-Емерик Обамејанг, но весникот „Тајмс“ пишува дека се подготвува нов ремонт на тимот.
Според весникот, менаџерот Потер до управата на чело со сопственикот Боли доставил извештај за првиот дел од сезоната и укажал на слабите точки во тимот кои мора да бидат остранети со нови фудбалери.
Рис Џејмс ја обнови повреда, а капитенот Сезар Аспиликуета го стигнаа годините и поради тоа Потер бара нов десен бек. Како можно решение се споменува хрватскиот репрезентативец Јосип Јурановиќ, кој одигра одлично на СП во Катар.
Предвидено е екипата да се засили и на стоперската позиција бидејќи Тијаго Силва си заминува на крајот од сезоната. Желба на Потер е уште еден Хрват, Јошко Гвардиол, за кого Лајпциг бара 100 милиони евра.
Проблемите за Челзи се поголеми во средниот ред бидејќи двајца клучни играчи ја играат последната сезона, Н’голо Канте и Жоржињо. Боли е подготвен да понуди рекордни 130 милиони евра за аргентинскиот репрезентативец Енцо Фернандес. Потер исто така сака на „Стемфорд бриџ“ да донесе уште еден Аргентинец кој стана светски шампион, Алексис Мекалистер.
Челзи ќе се засилува и во нападот иако веќе го капарија Кристофер Нкунку од Лајпциг за 70 милиони евра, но засега не се лицитира со конкретно име, но „Тајмс“ пишува дека Сините се подготвени да платат и до 100 милиони евра за екстра квалитетен напаѓач.