Челси ја искористи шансата што му ја понуди Тотенхем и со убедлива победа од 3:0 против Ватфорд стаса до третата позиција во Премиерлигата и речиси сигурно ќе игра во Лигата на шампионите.
Сосема спротивно е расположението кај Манчестер јунајтед по ремито кај фенерџијата Хадерсфилд, а по денешните 1:1 исчезнаа шансите за настап во Лигата на шампионите.
На „Стемфорд Бриџ“ првите два гола на Челси беа постигнати по ист терк, со удар со глава, а стрелци беа Лофтус Чик и Луис. Потоа и Игуаин со гол ја потврди убедливата победа од 3:0.
Хадерсфилд иако е испаднат оддамна успеа да го изненади фаворитот Манчестер јунајтед и со реми 1:1 да го откаже од трката за третата и четвртата позиција што водат во ЛШ.
Мбенза ја искористи грешката на Лук Шо во 60. минута и израмни на 1:1, откако на почетокот на мечот Мек Томинеј му донесе предност на гостинот.
Челси со 71 бод на едно коло до крајот е на третата позиција, птред Тотенхем кој има 70 и Арсенал со 66, но и еден меч помалку. Ист број на бодови како топчиите има и Манчестер јунајтед, но и само уште еден меч за играње.