Челси, Арсенал и Манчестер јунајтед се во трка за позиција која преку Премиер лигата, води во Лигата на шампиони за следната сезона. Овие три клуба, заедно со Тотенхем се во борба за третото и четвртото место на табелата, што значи дека на крајот две екипи ќе се радуваат, а две ќе извисат.
Иако сите очекуваат токму во финишот на сезоната фаворитите да не киксираат, се случува токму спротивното. Звучи неверојатно, но Челси, Арсенал и Јунајтед немаат победа во последните три кола во домашното првенство. „Топчиите“ наредија три порази (Кристал Палас, Вулверхемптон и Лестер), Манчестер јунајтед е со два порази и реми, а Челси во три меча освои два бода во нерешените дуели против Барнли и Јунајтед, а загуби од Ливерпул.
Денеска сите три фаворити кои „постат“ три кола, треба да победат. Челси на „Стемфорд Бриџ“ игра против Ватфорд, Арсенал во Лондон против Брајтон треба да ја прекине низата од порази, додека Манчестер јунајтед игра на гости, но кај последнопласираниот Хадерсфилд, кој има дури 28 порази во 36 меча.