Најдобриот играч на Челзи, Еден Азар, ќе го пропушти денешниот меч против ПАОК во групната фаза од Лигата на Европа. Англискиот првак има максимални 12 бода во досегашните четири меча и е сигурен патник во нокаут-фазата. Токму поради тоа, тренерот Маурицио Сари реши да го поштеди Азар, кој се жали на мала повреда на зглобот на ногата.
„Повредата на Азар не е сериозна, но тој нема да игра против ПАОК. Мора да го поштедиме за дуелот против Фулам во недела. Претходно Азар имаше повреда на грбот, а сега и на ногата, па нормално е да не биде во врвна форма кога не е 100 отсто подготвен“, рече стратегот на Челзи, Сари.
ПАОК има теоретски шанси да ја помине групата, но ќе мора да направи сензација на „Стемфорд бриџ“ во Лондон.