Челзи е сигурен полуфиналист, го остави Порто на нула на сите мечеви како домаќин

Челзи е сигурен полуфиналист во Лигата на шампионите според многу параметри во фудбалската игра, а реваншот вечерва во Севилја против Порто би требало да биде формалност и според моментната ситуација и според историјата.

Англискиот претставник има огромна предност од 2:0 од првиот меч игран на неутрален терен во Севилја, а има и максимален ефект против Порто кога му е домаќин.

Досега на четири натпревари во Лондон победуваше само Челзи, и тоа со 3:1, 2:1, 1:0 и 2:0, а сите беа дуели во Лигата на шампионите, па сега Сините ќе се обидат да ја задржат серијата, но на „Рамон Санчес Писхуан“ во Севилја.

На Порто му требаат минимум два гола и да не се тресе мрежата на Марчезин ако сакаат да приредат подвиг и да се изборат макар за продолженија.

Досега тоа беше недостижна цел за популарните Змејови, кои не успеаваа да му дадат повеќе од еден гол на Челзи како гости

„Ќе мора да минеме планина за да приредиме подвиг, но сè додека се игра, има шанси. На првиот меч бевме добри, но очигледно според резултатот, не толку добри за да избегнеме пораз. Веруваме во себе во своите квалитети. Ќе треба да даваме голови и да не примаме што е тешка, но не и невозможна мисија“, изјави Сержо Консеисао.

Челзи е на прагот на полуфиналето, но Томас Тухел вели дека пред реваншот треба да се заборави резултатот од првиот меч и неговите избраници да почнат од нула.

„Имаме одличен резултат, но не смееме да го загубиме фокусот во реваншот. Треба да заборавиме дека сме победиле со 2:0 бидејќи Порто знае да биде опасен. Имаат искуство и квалитет и не смееме да се опуштиме и да им дадеме шанса за камбек“, изјави тренерот на Челзи.

Мечот се игра од 21 часот, паралелно со реваншот во Париз меѓу ПСЖ и Баерн, на кој Светците почнуваат со предност од 3:2 против актуелниот европски првак Баерн.

 

 

- Оглас -

Најнови вести