Фудбалерите на Челзи продолжуваат да ги разочаруваат навивачите и загубија од последнопласираниот тим на табелата, Саутемптон со 0:1 и тоа на „Стемфорд бриџ“.
Челзи игра очајно во 2023 година, на осум меча има само една победа, три порази и четири ремија и разочарувачка статистика, даде само четири гола.
Голот кој ги шокира навивачите на Челзи го постигна Ворд-Праус во последните моменти од првото полувреме.
Дополнителен проблем за менаџерот Греем Потер претставува и повредата на Сезар Аспиликуета кој доби удар во главата од играч на Саутемптон во обидот да не дозволи шут со ножички на противникот. Дефанзивецот на Челзи по укажаната помош беше пренесен во болница на детални лекарски прегледи.
И шампионот Манчестер сити не успеа да победи, одигра 1:1 на гостувањето кај Нотингем Форест и пропушти да се израмни со Арсенал на лидерската позиција на табелата.
Граѓаните поведоа со голот на Бернардо Силва во 42-та минута, но Крис Вуд во 84-та минута го остави шампионот без победа.
Важна победа во битката за опстанок оствари Борнмут на гостувањето кај Вулверхемптон. Голот за Борнмут со кој избега од опасната зона го постигна Таверние во 49-та минута.
Минимален триумф оствари и Евертон над Лидс, како и Фулам над Брајтон, додека Брентфорд и Кристал палас ги поделија бодовите играјќи 1:1.