Михајло Мудрик на почетокот на 2023 година пристигна во Челзи како големо засилување, но на „Стемфорд бриџ“ не се задоволни од неговите игри, па се чини дека во јануари би можело да дојде до неочекуван трансфер на украинскиот репрезентативец.
Челзи во јануари 2023 водеше голема битка со Арсенал за трансферот на Мудрик, а иако Украинецот имаше договор со Топчиите, на крајот заврши во Челзи. Арсенал се повлече затоа што не сакаше да плати повеќе од 40 милиони евра, додека Шахтјор му го продаде Мудрик на Челзи дури за 70 милиони евра.
Сепак, многумина сметаа дека тоа е преголема сума за него, што се покажа точно. Во изминатите речиси две години, Мудрик не покажа ништо што би го оправдало вложениот износ, а сè повеќе луѓе веруваат дека тој не е за клуб од врвен ранг.
Иако имаше шанси да игра во Челзи, тоа се промени откако Енцо Мареска е избран за нов менаџер. Италијанецот не е премногу импресиониран од квалитетите на Мудрик и веќе е јасно дека не го гледа Украинецот во стартниот тим.
Според англиските медиуми, Мудрик е незадоволен од својот статус во тимот и е сè поблиску до одлука да го напушти Челзи во јануари, барајќи клуб каде што ќе добие повеќе минути на теренот.
Олимпик Марсеј е еден од клубовите кои покажале интерес за Мудрик, со намера да го доведат на позајмица до крајот на сезоната, со можност за целосен трансфер следното лето.